Dokumenti i knjige o drugom svetskom ratu na teritoriji Jugoslavije i povezanim zbivanjima
◀ Poezija NOB
Славко Јаневски - Свадбарска песна
Дали чекаш, Јано, утро мое рано,
дали чекаш уште в село да се вратам,
да разврзам ситно на тамбура песна -
или чекаш, Јано, прстен да ти пратим?
Три години, Јано, јас по гора шетам,
в Кара - Орман буен со мојата чета,
три години пушка ,,малихерка“ носам,
ми поцрне лице, ми побеле коса,
три летници трески јас преболев тешки
и в заседа капев и в мисли те гледав -
со момите наши тутун како редиш.
В изворите барав очи - живи жарој,
в пролетниот облак лице твое бело,
и за тебе прашав и пак не те најдов,
ти чекаше момче во малото село.
Не ме чекај, злато, ни мене ни сватој,
нема, душо, свадба в поробена земја,
нема песна таму мајки кај што плачат,
не грејнува зора кај ноќ тежи темна,
не се смеат очи крвник што ги вади,
нема, Јано, љубов в село кое чади.
Не ме чекај, злато ни мене ни сватој,
нема кај да минам, в крви пливнал патот.
Венчан прстен сега оков ќе е тежок,
а свадбени сватој - немилите врани,
свршенички целув - фишеците жешки,
невестинска песна - плач на сите страни.
Мојте зборој, Јано, запнши ги в срце,
срмен елек скини и во гора мини,
фишеклија-елек гради ќе ти кити,
ќе браниме љубов, љубов наша прва,
ќе гониме душман што не дели крвав.
Па кога од Егеј до нашето море
забелее утро изгреано в бојот,
ќе те стиснам, Јано, на ранети гради,
ќе искитам сватој од дружбата моја
па пред сета чета, со песна ќе одам
и свадбено opo по ceло ќе водам.
А ти сплети в коси темјанки и шебој,
и насмевни око, ведро летно небо,
и разиграј снага во вечерта блага,
и нанижи ѓердан под грлото бело,
и поведи оро, танка моја ело,
ќе запискат гајди, ќе загрмат пушки -
а свадба ќе слави сето наше село.